Thursday, May 21, 2015


Сфаќањето на Емил Диркем за религијата

Религијата е една од најтемелната и најсеопфатна активност на човекот бидејќи со неа, човекот сака да даде смисла на самиот живот, односно таа е реакција на човековата потрага по смислата. Религијата лежи во срцевината на сите култури и цивилизации. Според Диркем, религијата го родила сето она што е важно и суштинско за едно општество. Исто така, религијата обично се употребува да ги означи верувањата, однесувањата и општествените институции што имаат врска со размислувањата за следниве аспекти: потеклото, смислата и значењето на вселената, што се случува после смртта, постоење или барање на моќни, нечовечки суштества (духови, предци, ангели, демони и богови) и сл.
Но како прецизно да се дефинира религијата? Не може да се даде конкретна дефиниција за религијата бидејќи самиот термин е премногу општ. Па затоа, ќе наидете на дефиниции кои религијата ја определуваат како начин на живот на група на луѓе, или верување во нешто поголемо од човекот (Бог), па до сфаќање дека религијата е механизам за справување со нашиот страв од смртта (Фројд). Кога сме кај Фројд, да истакнеме и дека според него, корените на религијата лежат во нашата неспособност паметно и зрело да се справуваме со секојдневните проблеми. Религијата, ќе рече тој, прои-злегува од емоциите: страв, очај, неизвесност, стравопо-читување и сл.
Карл Маркс пак, ги лоцира корените на религијата во отуѓувањето (алиенација) кое настанува поради класите и класната борба. Тој за религијата ќе рече дека е опиум за народот алудирајќи на тоа дека религијата ги заслепува луѓето и не можат да носат рационални решенија, или дека религијата ја намалува болката (средство за смирување) кај угнетените (работниците).
Ние ќе се задржиме на Диркемовото сфаќање за религијата, според кое, религијата е вкоренета во разликата која ја прават сите општества помеѓу светите (сакрални) и световните (профани) ствари. Исто така, тој ја нагласува религијата како внатрешен систем за општествена контрола, кој своевремено, во поединецот го создава она чувство за морално обврска за почитување на правилата и нормите на едно општество. Тој дава една прилично сеопфатна дефиниција: религијата е цврсто поврзан систем на верувања и обичаи кој се однесува на светите, односно издвоените и забранетите ствари и кој ги поврзува луѓето во една морална заедница.
Во неговото најпознато дело Елементарни облици на религискиот живот„ Диркем укажал дека тотемизмот е првиот облик на религиско верување. Тотемот е категорија на материјални објекти, кон кои примитивниот човек има суеверна почит, притоа верувајќи дека помеѓу него и секој член на кланот постои интимна и целосна, потполно специфична поврзаност.
На крајот, да ги истакнеме функциите кои Диркем ги наведува како суштински за религијата:
а) Кохезивна функција – религијата ги поврзува луѓето во една морална заедница;
б) Интегративна функција -  религијата помага за полесна интеграција (вклопување)
в) Колективна свест – религијата ги обединува луѓето со  помош на моралот и моралните правила

г) Религијата го дава вредносниот систем на едно општество и дава смисла и цел на човековиот живот.

No comments:

Post a Comment