Sunday, April 12, 2015


Што е сиромаштијата - Апсолутна и релативна сиромаштијa

Сиромаштијата е еден од феномените за кои не постои единствен концепт и дефиниција токму поради релативната природа на сиромаштијата (различни држави – различни дефиниции за сиромаштија. Меѓутоа, ние ќе се држиме до следнава определба: Сиромаштијата е состојба во која на поединците/групите им недостигаат ресурси/средства за опстанок (храна, живеалиште, облека, здравствена заштита и образование).
Сиромаштијата била проучувана од многу социолози, меѓу кои и Карл Маркс кој сметал дека во капиталистички услови, овој феномен е невозможно да се надмине, дека тој секогаш ќе постои, се додека постои нееднаква распределба на ресурсите.
Исто така, многу социолози ги критикувале самите сиромашни луѓе истакнувајќи дека тие се сиромашни поради тоа што се мрзливи, неспособни и сл. Еден од тие социолози е Херберт Спенсер, кој сметал дека на сиромашните не треба да им се помага, да им се дава милосрдие. Оваа теорија спаѓа во т.н. индивидуалистички теории. Сепак, теориите според кои самите луѓе се виновни за тоа што се сиромашни, мо-жеби се надминати, и денес социолозите тежнеат да ја повр-зат сиромаштијата најпрво со општествените фактори, како невработеноста, со стратификацијата, нееднаквата распре-делба на општествените ресурси и сл.
Она што е важно во дефинирањето на сиромаштијата е да се прави разлика помеѓу двата концепти за сиромаштија:
-          Апсолутен концепт – кој ја определува сиромаштијата како состојба во која на поединецот или групата му недостигаат основните ресурси неопходни за живот. Вообичаено, тука сиромаштијата подразбира проценка на основните човекови потреби и истата се мери во контекст на средствата неопходни за одржување на оптималната телесна и здравствена состојба. Овој концепт е најзастапен во ниско развиените земји, кадешто луѓето се лишени од задоволување на физичките потреби. Најпознатиот претставник на овој концепт, Сибом Раунтри, смета дека апсолутната сиромаштија се однесува на одржување на нормален живот кое е поврзано со основните стандарди на неопходниот физички капацитет за продукција (платена работа) и репродукција (раѓање на деца и грижење за нив).
-          Релативен концепт – според кој, сиромаштијата е дефинирана како состојба на неможност на поединецот да ги оствари оние потреби (културни, здравствени и општествени) кои важат за вообичаени или прифатени како просек во општеството во кое живее. Ова значи дека сиромаштијата варира од едно во друго општество во зависност од животниот стандард на општествата. Исто така, важно да се спомне е дека овој концепт е својствен за високо развиените земји, таму кадешто проблемот не е во задоволување на основните потреби, туку задоволување на потребите кои се општествено одредени (одење во кино, театар, следење на спортски натпревари и сл.). Најпознатиот претставник на релативната дефиниција, Питер Таунсенд, смета дека луѓето дефинирани според релативниот концепт, се оние кои имаат недостаток од средства за добивање на потребните видови на храна, недостаток на учество во социјалните активности, во едно конкретно општество



No comments:

Post a Comment