Monday, March 9, 2015


Пол и род

Човековите активности и практики во целиот свет се организирани според општествената дистинкција што ја прават луѓето меѓу мажите и жените. Половата припадност (улога) оставаат прилично големи последици во животот на мажите и жените. Но што е полот, а што родот?
Поимот пол (анг.sex) се употребува за да се означат видливите т.н. биолошки разлики меѓу мажите и жените, односно полот ја определува улогата што еден поединец ќе ја има во системот за репродукција.
Поимот род (анг.gender) пак, се однесува на психолошките, социјалните и културолошките разлики меѓу мажите и жените. Честопати се вели дека полот е факт, а родот е убедување. Ова значи дека полот е одреден по природен пат, додека родот е социјално конструирана рамка создадена од човекот се со цел да се даде смисла на половата разлика.
Во голем број на општества, се смета дека половите разлики се условени од билогијата, т.е. дека жените се предодредени за вршење на работи кои се сметаат исклучиво за женски, а машките се предодредени да вршат работи кои се исклучиво машки.
Од друга страна, постојат сериозни студии, меѓу кои и онаа на познатиот антрополог Маргарет Мид, Имено, таа во Нова Гвинеја, открила 3 племиња со различни полови улоги. Едното племе (Арапеши) биле нежни луѓе кои верувале дека мажите и жените се многу слични. Тие биле пасивни, топли и без натпреварувачки дух, но и со еднаква одговорност за грижата за децата. 
Второто племе (Мундугумор) пак, биле насилни и човекојадци. На жените им недостигале скоро сите оние особини кои се сметаат за женски (не сакале бременост и доење на децата, и не биле нежни спрема нив, посебно не спрема ќерките)
Третото племе (Чамбули) пак, имало полови улоги според кои мажите биле задолжени за купување и тргување, сакале да озборуваат и свират на флејта, да минат долго време со децата. Нивните сопруги пак, биле доминантни, практични и главни економски снабдувачи во семејството.
Постои еден процес кој е неминовно поврзан со оваа проблематика, а тоа е поимот родова социјализација кој своевремено се определува како процес во кој децата учат како да станат машки, односно женски. Со други зборови, родовата социјализација ги подготвува поединците да се однесуваат на „машки" или „женски" начин. Честопати, кога еден поединец со машки пол се однесува како женски род, наидува на потсмев и понижување од средината. Постојат неколку поими кои се поврзани со ваквите ситуации:
1. Транссексуалец - е лице чиј пол е променет со операција и хормонска терапија;
2. Трансвестит - е лице чиј род се разликува од неговиот/нејзиниот пол и лице кое своето однесување не го базира врз својот пол, туку врз својот род;
3. Хермафродит - лице чии полови органи неможат целосно да се идентификуваат бидејќи се присутни и двата пола;
Прашањето за тоа дали постојат биолошки основи за постоењето на машки и женски работи, или пак, главното влијание го има општествената средина, многумина социолози сметаат дека е апсурдно, алудирајќи на нивната комплементарност. Сепак, поголемиот дел од истражувањата покажуваат дека социокултурниот контекст е тој кој ги модификува родово-половите односи, улоги и идентитети. За крај, една мини-анализа на истражувањето насловено како „Психологија на половите разлики" на психолозите Еленор Мекоби и Керол Џеклин, во кое тие докажуваат дека одредени верувања кои постоеле за машките и женските едноставно не држат место. Меѓу тие верувања се следниве:
1. Девојчињата се „посоцијални" од машките;
2. Девојчињата се посугестибилни од машките но и помалку аналитични (помалку успешни во реализација на покомплексни задачи);
3. Девојчињата имаат пониска самопочит и самодоверба од машките.
Меѓутоа, покрај овие т.н. митови, авторите докажале одредени верувања кои претходно не биле научно верифицирани:
1. Девојчињата имаат поголема вербална способност од машките
2. Момчињата имаат поголема визуелно-просторна способност (можеби затоа се подобри возачи од женските :) )
3. Момчињата имаат супериорна математичка способност
4. Момчињата се поагресивни од девојчињата
Од сето ова, произлегува дека вие самите треба да размислите и донесете свој личен став околу прашањето за поделбата на машки и женски род, а не пол бидејќи биолошките разлики ниту можеме, ниту треба да настојуваме да ги модификуваме.

No comments:

Post a Comment