Sunday, March 15, 2015

Етничката интеграција и етнички конфликт

Како директна последица од глобалните миграции, наста-нуваат мултикултурни, односно мултиетнички општества. Процесите на миграција секогаш се придружени од процесот т.н. асимилација. Под поимот асимилација се подразбира процес на фактичко (целосно) прифаќање од страна на подредената група (имигранти) на вредностите и културата на доминантната група (општеството во кое имигрантите се доселуваат). Тука е мошне важен односот домаќин – иселеник, при што вообичаено е да се очекува тие што се доселиле да ја прифатат културата на оние кои што живеат на местото на доселување.
Но она што е негативно, е што процесот на асимилација не секогаш наидува на одобрување од страна на подредената група, и тогаш настануваат конфликтите, т.е.етничките ко-нфликти. Голем број од иселеничките групи живеат во посебни одделни енклави, квартови и не секогаш успеваат да се интегрираат, што резултира со појава на конфликт
Конфликтот претставува судир помеѓу различни групи кои имаат различни интереси. Најопшта причина за појавата на конфликтите е постоењето на повеќе групи со различни интереси и различна количина на моќ. Постојат повеќе видови на конфликт (некои се однесуваат на моќта и богатствата, некои се поврзани со вредностите, а некои има-ат идеолошка позадина), но за нас од интерес е етничкиот конфликт (помеѓу две етнички групи).
Овој вид на конфликт има три фази:
1.    Претконфликтна фаза во која е најпожелно да се интервенира, додека не се разгорени страстите
2.      Конфликтна фаза во која спротивставените страни ги истакнуваат и бранат своите интереси на различни начини (протести, забрани, воени интервенции и сл)
3.      Завршна фаза, во која се бараат начини и средства за решавање на конфликтот
Што се однесува до начините за решавање, социологијата познава 4 начини:
1.      Постигнување договор меѓу страните (целосно меѓусебно почитување);
2.      Компромис, кога една од страните доброволно се откажува од дел од своите интереси и барања и истата делумно се повлекува;
3.      Моќта на посилниот, кога посилната страна ја доведува другата страна во незавидна позиција и ја принудува да се откаже од своите барања и интереси
4.      Медијација, која подразбира вклучување на трета страна т.н. медијатор. Ова вклучување на трета страна не мора секогаш да биде по барање на двете страни, туку може да се случи третата страна самоволно да се приклучи поради разни причини. Улогата на медијатор може да му припадне на некој поединец, група или држава
Најчесто двете срани бараат помош од трета поради неколку причини:
 Сите аргументи, сили и начини за решавање се исцрпени од двете страни и немаат што друго да направат;
     Двете страни упорно инсистираат на своите барања и интереси (водат инает) и др.

Етничката дискриминација и глобална миграција

Кога станува збор за поимот етничка дискриминација, или пак за било кој друг вид на дискриминација, не-опходно е да се илустрираат и објаснат и поимите кои се придружни на поимот дискриминација, а тоа се стерео-типите и предрасудите.
Стереотипи – се обрасци на верувања или мислења за одредена група,т.е. збир на особини кои ја дефинираат одредена група (погрешна генерализација или претстава за таа група)
Предрасуди – се негативни стереотипи (логички нео-сновани уверувања, вредности и ставови спрема објекти или поединци, т.е. групи)
Дискриминација – акција заснована врз предрасуди

Предрасудите се карактеризираат со стереотипни верувања кои најчесто не се емпириски проверени, туку се засновуваат врз личните искуства и ставови. Пре-драсудите се релативно стабилни и трајни ставови, вткаени во животните искуства на луѓето.
Основна последица од постоењето на предрасуди е неоправдано подредено сместување на поединец или група, и како таква, таа е суштински неправедна.
Дискриминацијата е поим кој во секојдневниот говор означува просто „нефер третман, во социологијата се појавува пред се,во контекст на теориите за етнички и расни односи.
Се определува како израз на етноцентризмот или, како културен феномен на „несакање на поинаквиот, различниот од себе.
И покрај постоењето на теории кои на некој начин неги-раат дека постои нужна поврзаност меѓу предрасудите и дискриминацијата, сепак, општо прифатено е дека тие два феномена се повеќе од комплементарни. Имено, секоја дискриминација подразбира постоење на предрасуда, но  не секоја предрасуда подразбира дискриминација.
Кога станува збор за етничката дискриминација, најпрво мора да го дефинираме поимот етничка група. Етничката група е заедница на луѓе кои исполнува три критериуми:
-         Припадниците на таа група имаат заедничко потекло;
-   Припадниците на таа група имаат заеднички (ист) јазик;
-         Припадниците на таа група имаат заедничка религија.
Етничката дискриминација е општествена појава во која се дискриминираат (омаловажуваат, навредуваат и потчинуваат) припадниците на една етничка заедница (етникум). Ова значи дека се дисквалификуваат припадниците на една етничка група да остварат нешто што е достапно за останатите, само поради тоа што се Турци, Власи, Албанци, Срби и сл.
Овој вид на дискриминација може да се забележи во скоро сите општествени области: економијата, образованието (во РМ, 55% од родителите не би ги пратиле своите деца да учат во училиште кадешто мнозинство е друга етничка група), културата па и политиката.

Глобална миграција

Поимот миграција најчесто упатува на перманентно (постојано) движење на поединци/групи во нови подрачја или заедници. Исто така, миграцијата како општествен феномен, се интензивира во последните 200 години. Причини за засиленото темпо на мигрирање се најчесто процесот на индустријализација, кој ги принудувал луѓето ширум светот на масовно мигрирање на релација село-град. Тесно поврзан со индустријализацијата е и процесот на урбанизација (процес на формирање и развој на градовите). Секако дека овие масовни миграции предизвикувале тектонски демографски промени на светското население, без разлика дали тие се позитивни (развој на одредени области) или негативни (изумирање т.е. исчезнување на огромен број на села па и градови).
Она што највеќе ги интересира социолозите се причините поради кои луѓето се одлучуваат да се преселат на друго место. За таа цел, постојат два фактори:
-         Истискувачки (push) фактори се оние кои предизвикуваат миграција се со цел зголемување на сигурноста (на пример, луѓето од едно место мигрираат во друго поради високата стапка на невработеност)
-                    Привлекувачки (pull) фактори се оние кои охрабруваат преземањето ризик за миграција се со цел добивање поголем приход (на пример, луѓето мигрираат од едно во друго место поради нискиот животен стандард на местото од кое се иселуваат).
Понатаму, меѓу причините поради кои луѓето мигрираат се наведуваат: економските, политичките, потрага по подобро образование и сл.
И на крај, постојат два поима кои изгледаат дека се слични, но треба да се прави разлика во нивното значење:
-         Емиграција – е појава која се дефинира како отселување на луѓето од одредена територија поради одредени причини кои можат да бидат од социјална, економска, културна или политичка природа;
-         Имиграција – е појава на вселување во одредена земја. Всушност и емиграцијата и имиграцијата означуваат ист процес, меѓутоа зависи од кој аспект се гледа на мигра-цијата (дали од земјата ОД која се иселува поединецот, или ВО земјата во која се вселува)



Monday, March 9, 2015

Пол и род

Човековите активности и практики во целиот свет се организирани според општествената дистинкција што ја прават луѓето меѓу мажите и жените. Половата припадност (улога) оставаат прилично големи последици во животот на мажите и жените. Но што е полот, а што родот?
Поимот пол (анг.sex) се употребува за да се означат видливите т.н. биолошки разлики меѓу мажите и жените, односно полот ја определува улогата што еден поединец ќе ја има во системот за репродукција.
Поимот род (анг.gender) пак, се однесува на психолошките, социјалните и културолошките разлики меѓу мажите и жените. Честопати се вели дека полот е факт, а родот е убедување. Ова значи дека полот е одреден по природен пат, додека родот е социјално конструирана рамка создадена од човекот се со цел да се даде смисла на половата разлика.
Во голем број на општества, се смета дека половите разлики се условени од билогијата, т.е. дека жените се предодредени за вршење на работи кои се сметаат исклучиво за женски, а машките се предодредени да вршат работи кои се исклучиво машки.
Од друга страна, постојат сериозни студии, меѓу кои и онаа на познатиот антрополог Маргарет Мид, Имено, таа во Нова Гвинеја, открила 3 племиња со различни полови улоги. Едното племе (Арапеши) биле нежни луѓе кои верувале дека мажите и жените се многу слични. Тие биле пасивни, топли и без натпреварувачки дух, но и со еднаква одговорност за грижата за децата. 
Второто племе (Мундугумор) пак, биле насилни и човекојадци. На жените им недостигале скоро сите оние особини кои се сметаат за женски (не сакале бременост и доење на децата, и не биле нежни спрема нив, посебно не спрема ќерките)
Третото племе (Чамбули) пак, имало полови улоги според кои мажите биле задолжени за купување и тргување, сакале да озборуваат и свират на флејта, да минат долго време со децата. Нивните сопруги пак, биле доминантни, практични и главни економски снабдувачи во семејството.
Постои еден процес кој е неминовно поврзан со оваа проблематика, а тоа е поимот родова социјализација кој своевремено се определува како процес во кој децата учат како да станат машки, односно женски. Со други зборови, родовата социјализација ги подготвува поединците да се однесуваат на „машки" или „женски" начин. Честопати, кога еден поединец со машки пол се однесува како женски род, наидува на потсмев и понижување од средината. Постојат неколку поими кои се поврзани со ваквите ситуации:
1. Транссексуалец - е лице чиј пол е променет со операција и хормонска терапија;
2. Трансвестит - е лице чиј род се разликува од неговиот/нејзиниот пол и лице кое своето однесување не го базира врз својот пол, туку врз својот род;
3. Хермафродит - лице чии полови органи неможат целосно да се идентификуваат бидејќи се присутни и двата пола;
Прашањето за тоа дали постојат биолошки основи за постоењето на машки и женски работи, или пак, главното влијание го има општествената средина, многумина социолози сметаат дека е апсурдно, алудирајќи на нивната комплементарност. Сепак, поголемиот дел од истражувањата покажуваат дека социокултурниот контекст е тој кој ги модификува родово-половите односи, улоги и идентитети. За крај, една мини-анализа на истражувањето насловено како „Психологија на половите разлики" на психолозите Еленор Мекоби и Керол Џеклин, во кое тие докажуваат дека одредени верувања кои постоеле за машките и женските едноставно не држат место. Меѓу тие верувања се следниве:
1. Девојчињата се „посоцијални" од машките;
2. Девојчињата се посугестибилни од машките но и помалку аналитични (помалку успешни во реализација на покомплексни задачи);
3. Девојчињата имаат пониска самопочит и самодоверба од машките.
Меѓутоа, покрај овие т.н. митови, авторите докажале одредени верувања кои претходно не биле научно верифицирани:
1. Девојчињата имаат поголема вербална способност од машките
2. Момчињата имаат поголема визуелно-просторна способност (можеби затоа се подобри возачи од женските :) )
3. Момчињата имаат супериорна математичка способност
4. Момчињата се поагресивни од девојчињата
Од сето ова, произлегува дека вие самите треба да размислите и донесете свој личен став околу прашањето за поделбата на машки и женски род, а не пол бидејќи биолошките разлики ниту можеме, ниту треба да настојуваме да ги модификуваме.