Friday, January 30, 2015

Вебер и Маркс за стратификацијата

      1.     Марксово гледиште за општествената стра-тификација
Според Карл Маркс (1818-1883), општествената стратификација произлегува од поделбата на трудот, а највеќе се изразува преку поделбата на општествата на две доминантни класи: капиталисти (сопственици на средствата за производство) и работници (работната сила).
Во неговото најпознато дело Капитал, Маркс тврди дека положбата на работничката класа се повеќе се влошува. Исто така, тој смета дека појавата на класите е во оној момент кога луѓето започнале да се занимаваат со земјоделство (сопственост на земја). Во тој контекст, кла-сите претставуваат општествени групи на луѓе кои имаат сличен начин на живот, слични економски услови и слични интереси, или со други зборови, групи на луѓе кои имаат сличен однос кон средствата за производство. Она што е можеби најважно во неговата теорија е односот помеѓу двете класи, за кој Маркс ќе рече дека на прв поглед   е меѓузависен, но кога подлабоко ќе се анализира тој однос, ќе се забележи дека всушност, капиталистите ги експлоатираат работниците. Меѓутоа, овој однос нужно води кон диктатура на пролетеријатот (друго име за работничката класа), која е всушност само премин кон друг вид на општество во кое ќе нема класи (комунизам).
Исто така, значајно да се спомне е и ставот на Маркс дека капиталистите својата економска моќ ја црпат од фактот што тие се сопственици на средствата за производство, и истата таа моќ ја користат за да влијаат и во другите општествени сфери.
Најголемата критика која се упатува на Марксовата теорија е тоа што тој премногу го нагласува економскиот аспект во определувањето на стратификацијата, а во исто време ги запоставува другите димензии (социјалната, политичката и културната)
       2.     Веберовото стојалиште за стратифика-цијата
Макс Вебер (1864-1920), за многумина социолози ја дава најдобрата и најсоодветната рамка за социолошко проучување на општествената стратификација. За разлика од Маркс, Вебер е убеден дека стратификацијата не прои-злегува само од постоењето на класите, туку свое влијание имаат и другите аспекти како општествените статуси и политичките групи, и сите овие аспекти се потенцијален извор на општествена моќ која патем Вебер ја дефинира како способност да се влијае врз другите луѓе и покрај отпорот кој тие би можеле да го пружат. Па така, можеме да зборува за три димензии (аспекти) на опште-ствената стратификација:
         ·         Класни разлики (класи) – при што Вебер ја определува класата како група на луѓе кои споделуваат слична позиција во пазарната економија. Во овој контекст, тој се согласува дека класите може да бидат извор на моќ, но дека тоа не е единствениот начин за добивање општествена моќ.
             ·         Статусни разлики (статус) – Статусот според Вебер претставува позиција во општествениот систем (општествена хиерархија) која симболизира богатство или престиж (почитување од другите луѓе). Важно да се напомене е дека според него, статусот не зависи од класната поделба и тој се менува независно од класната поделба. Во овој контекст, Вебер смета дека стратификацијата може да произлезе и од статусните разлики.

            ·         Политички групи, партии (општествена моќ) – кои ги дефинира како формални организации за претставување на целите и интересите на различни соци-јално-економски сили. Овој тип на групи е тесно поврзан со концептот на МОЌ(можност поединци или групи да ги остваруваат своите цели без оглед на препреките од другите луѓе) кој е мошне важен бидејќи им овозможува пристап на одредени поединци/групи до одредени ресурси и богатства